ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Компанија вади песок од Пчиња со неправилна концесија за работа

Концесијата доделена од Министерството за економија на компанијата „Еуропрогрес“ за експлоатација на песок од реката Пчиња во Средно Коњаре во Скопје е спротивна на Законот за води. Една од неправилностите откриени од Инспекторатот за животна средина и Управата за хидрометеоролошки работи е дека реката продирала длабоко во парцелата дадена во концесија. Директорката на Инспекторатот, Ана Петровска, откри дека има неправилности и во постапката за продолжување на дозволата од 2019 година. Поточно, таа била издадена врз основа на извештаи од 2010 година, преработени со податоци од извештајот од 2009 година. Во неа немало програма за заштита на животната средина. Сега ќе се бара Техничкиот инспекторат да нареди запирање на работите во спорната област до изготвување на нова студија.

Министерот за екологија, Насер Нуредини, изјави дека на ваквите случаи треба да се гледа како на поттик за преглед на процедурите и законските прописи според кои се издаваат дозволи. Жителите денеска од него побараа одговори дали постои можност за одземање на концесијата.

Зборуваме само за да ја заштитиме животната средина и местото каде што живееме за да не дојде до наше иселување затоа што некој работи на ваков начин. Не е љубомора, секој од нас вади парче леб.

Дали постои можност за прекинување на соработката?

„Да не кажеме да или не, да ги почекаме резултатите“.

Инспекторатот ќе продолжи да собира податоци што ќе се користат како доказ за зајакнување на наодите за неправилности. Министерството за економија потоа мора да ѝ предложи на Владата престанок на концесијата. Но, додека од инспекторатот информираат за неправилности, машините и понатаму работат на терен. Контактиравме со сопственикот на компанијата, Ќазим Османовиќ, кој ни рече дека официјално ќе го даде својот став по објавувањето на резултатите од инспекцијата, но денеска рече дека му треба повеќе време за да ги анализира изјавите дадени од претставниците на институциите. Жителите на скопското село Средно Коњаре веќе неколку години се жалат на овој проблем. Пред неколку дена тие за Алсат се пожалија и дека ерозијата во речното корито доведува до спуштање на нивото на водата во реката, а со тоа се намалува и нивото на водата во нивните бунари.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button