ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По двонеделниот бојкот, матурантите се вратија на настава

По 15-дневниот бојкот, матурантите се вратија на настава. Сепак, за Сојузот на средношколци ова не значи дека тие се повлекле од своите барања. Бараат итна средба со премиерот Заев. Исто така, до крајот на месецов очекуваат пратениците да ги одобрат измените и дополнувањата на законот за средно образование, во спротивно се закануваат со протести низ целата земја, како и поставување шатори пред Министерството за образование.

Се враќаме на часови за да им дадеме време на пратениците да најдат решение. Очекуваме Комисијата за образование и наука да го разгледа предлог-законот. По состанокот што Сојузот го имаше во Собранието, сигурни сме дека имаме поддршка од повеќе од 70 пратеници. Нашиот бојкот е резултат на тоа што институциите се покажаа глуви за нашите барања – велат од Сојуз на средношколци.

Но, од Министерството за образование и наука за АЛСАТ повторуваат дека за оваа година барањата на матурантите е невозможно да се реализираат. Оттаму додаваат дека новиот концепт на државна матура го составува работна група и дека тој ќе се практикува од следната учебна година.

Потсетуваме дека 14 илјади ученици ја пријавија државната матура… Учениците кои не планираат да продолжат високо образование имаат избор да полагаат само училишна и професионална матура. Концептот за полагање државна матура е одобрен од почетокот на оваа учебна година, а матурантите и Сојузот на средношколци беа навремено информирани со каков концепт ќе се реализира државната матура – информираат од Министерство за образование и наука.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ побара од пратениците на другите партии во Собранието да го поддржат предлог-законот што тие го предложија минатата недела по средбата со матурантите. Првиот рок за полагање на државната матура е во мај.

Вјолца Алити

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button