ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Комуникацијата меѓу Алијанса и Алтернатива сведена на писмени преписки

Алтернатива нема пушка за Алијанса- овa е одговорот на партијата на Африм Гаши до партијата на Зијадин Села откако неговата вчера побара од Гаши да се изјасни дали останува или не на сила договорот за предизборна коалиција. Од партијата на Гаши велат дека договорот за соработка е потрошен.

„Бидејќи веќе поминавме два изборни циклуси во коалиција со Алијанса за Албанците, нашиот договор за соработка всушност е потрошен. Сепак, останува отворена можноста оваа соработка да продолжи и на следните избори кога и да се одржат. Не гледајќи ја Алијанса за Албанците како противничка партија, само велиме дека за нас не е добар начин на комуникација да пресметуваме кој со кого и колку пати се сретнал, бидејќи на тој начин ќе станеме непотребни должници. Сепак, и покрај јавниот став , ние немаме пушка за Алијанса, но ќе продолжиме да ги сметаме за пријатели и соработници“, велат од Алтернатива.

Алијанса за Албанците вчера побара од Алтернатива да се изјасни дали се уште важи коалицискиот договор .Барањето на партијата на Села доаѓа по трите средби на Гаши со Заев со цел проширување на парламентарното мнозинство.

„Договорот потпишан за коалиција меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива, јасно ги дефинира критериумите и роковите на оваа коалиција, односно во членот 6 од овој договор стои дека: „Страните се договориле оваа соработка ќе важи до следните парламентарни избори. Следствено, Алтернатива треба да ги разјасни своите позиции во однос на овој договор, кој го прекршува најмалку три пати по ред, со јавна средба со премиерот во оставка, Зоран Заев, за да преговара за можноста за влез во Владата. Минимумот коректност што го очекуваме од вас е да наведете дали е валиден или не договорот потпишан меѓу Алијанса и Алтернатива? Ја информираме јавноста дека Алијанса за Албанците во иднина добро ќе размисли со кого ќе потпишува коалициски договор“, велат од Алијанса.

Предизборната коалиција помеѓу Алијанса и Алтернатива беше постигната пред парламентарните избори во 2020 година. Како коалиција освоија 12 пратенички места во Собранието, 8 Алијанса и 4 Алтернатива. Претходно од партијата на Села изјавија дека во случај Алтернатива да стане дел од парламентарното мнозинство, партиските органи ќе донесат одлука за натамошно функционирање на партнерството во Собрание и во советите на општините.

На почетокот на ноември, АА-Алтернатива ја поддржа иницијативата на ВМРО за гласање недоверба на Владата. На локалните избори во октомври, како предизборна коалиција, соработуваа и со ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и некои општини, соработка која беше официјализирана во општинските совети.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button