ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Контроли во битолската болница по сомнителната смрт на 6-годишното девојче

Контроли во битолската болница по сомнителната смрт на 6-годишното девојче

Вонреден увид во болницата во Битола еден ден откако малото девојче Јана почина при укажана лекарска помош. За расветлување на сомнителните околности, Министерството за здравство нареди преку Санитарниот здравствен инспекторат да се испрати надзорна екипа од Скопје. По деталните прегледи, оваа екипа ќе ги извести надлежните за причините поради кои почина 6-годишното девојче. Министерот Фатмир Меџити најави дека во најбрз можен рок ќе се откријат детали од увидот и ќе се преземат соодветни мерки.

Не ретко во земјава се случува пациенти без здравствени проблеми да починат во здравствени установи каде биле однесени за да им се помогне. Премиерот Ковачевски вели дека одговорност мора да има врз основа на наодите.

Директорот на битолската болница Александар Обедниковски побара од надлежните органи што побрзо да го расветлат случајот за да нема сомнеж дека нешто се крие. Целосната документација ја проверува и полицијата, а во меѓувреме се земаат изјави и од медицинскиот персонал. Се разговара со сите кои имале контакт со девојчето тој ден. Случај го води и Обвинителството, од каде велат дека сè уште се утврдува причината за смртта на детето чие тело е дадено на обдукција.

„Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба и упатство за извршување на сите потребни контроли. Причината за смртта на девојчето сè уште не е утврдена“, велат од Јавно обвинителство.

Според досегашните информации во јавноста, 6-годишната Јана починала во болницата откако била примена со симптоми на настинка. Нејзиниот татко вчера за медиумите изјави дека лекарите првично ѝ измериле шеќер во крвта со вредност 9, но и покрај тоа ѝ дале инфузија со гликоза во крвта, со што шеќерот дополнително ѝ го зголемиле на 19. Тоа било причината која според родителите, довело до трагедијата. Сметаат дека станува збор за лекарска грешка бидејќи, како што велат, освен настинка Јана немала никакви сериозни здравствени проблеми, ниту хроничен дијабетес./Алсат.мк

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button