РЕГИОН

Косово против српскиот референдум во недела

Косовските институции нема да дозволат одржување на српски референдум на територијата на Косово. Во заедничкото соопштение на Претседателството, Владата и Собранието се наведува дека со одржувањето на референдумот се прекршуваат Уставот и законите на Косово, како и меѓународните практики. Референдумот за измени на Уставот на Србија ќе се одржи во недела на 16 јануари.

„Таквиот чин е прекршување на територијалниот интегритет од страна на Србија во однос на независната и суверената држава Косово.“

Изјавата доаѓа по средбата што амбасадорите на земјите од т.н. група КВИНТ, односно САД, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, ја остварија со претседателката Османи, премиерот Курти и спикерот Коњуфца. Амбасадорите побараа од институциите да дозволат одржување на референдумот во Косово. Ставот на Приштина е дека Србите со двојно државјанство ќе можат да гласаат преку пошта или преку Канцеларијата за врски во Приштина. Косовските институции нагласија дека не е прашање улогата на ОБСЕ, туку улогата на Србија и нејзините паралелни и нелегални структури на Косово.

„Оваа практика на Србија, која го следи рускиот модел, ја има целосната поддршка од Руската Федерација, со што ги докажува нивните тенденции за брза дестабилизација на нашиот регион и ги поништува успесите што Косово и регионот ги постигнаа во партнерство со пријателски демократски земји.“

Премиерот Албин Курти најави дека утре ќе се одржи вонредна седница на Собранието.

„Одам во Влада да подготвам свикување на вонредна седница на Собранието на Републиката за утре во 14 часот.“

И опозицијата е на иста линија со власта. Демократската партија, Демократскиот сојуз и Алијансата за иднината на Косово сметаат дека одржувањето на референдумот е неуставно и би претставувало флагрантно кршење на суверенитетот на Косово. Во меѓувреме во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со лидерите на Српската листа. Вучиќ изјави дека ќе има „поголеми и пошироки последици од очекуваното“ доколку не се отворат избирачките места на Косово.

Shkëlzen Aqifi

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button