Костадиновски: Нов закон за Уставен е повеќе од неопходен
Костадиновски: Нов закон за Уставен е повеќе од неопходен

Уставниот суд е најнереформираната институција во земјата од нејзината независност па се до денеска, порача првиот човек на Уставен Дарко Костадиновски, на денешната дебата, чија тема беше токму во таа насока – дали е потребен закон за уставниот суд? Според Костадиновски нов закон е повеќе од неопходен, со цел на овој суд да му се гарантира поголема независност.
“Се залагам за закон за Уставен суд, но не било каков закон. Значи, или со интервенција во уставот да се даде уставен основ за двотретински закон или уставен за доконкретизирање на уставните одредби. Тие се тие две можности. Затоа што нас ни треба двотретинско мнозинство да ни ја гарантира нашата самостојност и упадите и можностите од политичко влијание”, рече Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.
На дебатата учествуваше и претседателката на државата, која оцени дека нереформирањето на уставниот суд придонело до тоа истиот да биде злоупотребен од страна на политичарите.
„Ваквата состојба им овозможуваше на политичките власти, почнувајќи од првиот парламентарен состав до последниот, влијание преку „неистакнатите правници“ . Така ние пропуштивме Уставниот суд да израсне во четврта власт, во коректор особено на односите меѓу трите власти„, рече Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка.
Според американската амбасадорка во земјава пак независно од тоа дали ќе има реформи или целосно нов закон, неопходно е уставниот суд да работи независно.
„Северна Македонија и нејзиниот устав е основа за демократските институции во оваа држава и гарантор на правата и слободите на нејзините граѓани. Улогата на независен уставен суд е да го поддржи ова со свои одлуки и тоа е исклучително важно за една здрава демократија„, рече Анџела Агелер, американска амбасадорка.
На оваа дебата која се одржа во Уставен, учествуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас, како и германската амбасадорка во земјава./Алсат.мк
Михаило Донев