ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски без коментар за бугарските барања, ВМРО е против

Премиерот Ковачевски не сака да открие дали за Македонија се прифатливи трите бугарски барања како предуслов за кревање на ветото. Рече дека Македонија е страната што сака да се постигне решение, но и Бугарија треба да биде подготвена за истото.

Но, ВМРО е категорично против и вели дека ако барањата се исполнат сега, тогаш Бугарија повторно ќе може да стави вето во текот на преговорите.

Премиерот Димитар Ковачевски не ги коментираше трите барања што ги постави неговиот бугарски колега Кирил Петков.

Ковачевски, во одговор на истото прашање, сепак кажа дека Македонија е страната што сака да постигне решение, а Бугарија треба да е подготвена да го стори истото. Тој додаде дека, за разлика од Бугарија, во Македонија владејачката коалиција никогаш не ги користела преговорите со Софија за дневно-политички поени.

„Сосема спротивно на тоа, во Република Бугарија ова прашање беше издигнато на ниво на внатрешна политика во нивната држава. Често пати беше еднострано инструментализирано и политизирано, што не е добро. Затоа, од тој аспект не би сакал да ги коментирам претпоставките, коишто се појавуваа во медиумите за одредени барања на бугарската страна, со оглед на тоа дека сите барања, сите отворени прашања се предмет на разговори помеѓу Министерствата за надворешни работи“, рече Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

Од друга страна, во гостување на „Канал 77“, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека барањата на Петков се максималистички. Според Мицкоски, доколку овие барања влезат во преговарачката рамка за Македонија, тогаш постои опасност Бугарија да нè блокира на секој чекор за време на преговорите со Брисел.

„Петков пред три дена вели овие три услова за нас се важни. Еве теоретски, да има во Македонија некој политичар што ќе го потпише тоа и да рече – во ред, се согласуваме, ставете ги во преговарачката рамка, тогаш Брисел го трга ветото и ние почнуваме прва Меѓувладина конференција, почнуваме да преговараме и после некое време некоја нова Влада или можеби истата ќе рече – чекајте сега, овдека во учебниците уште ви стои дека Гоце Делчев е Македонец“, истакна Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски нагласи дека Владата, која би ја предводела ВМРО-ДПМНЕ, не би го почитувала евентуалниот таков договор, бидејќи, како што вели, навлегува во идентитетот на македонскиот народ.

Новинар: Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button