ЗДРАВСТВО

Критики од епидемиолози за стартот на вакцинирање со трета доза против КОВИД

Најавите на министерот за здравство за почеток на вакцинацијата со трета доза против ковид за лица над 60 години, наидува на критики кај дел од епидемиолозите. Според нив, третата доза е луксуз бидејќи фокусот треба да биде ставен на масовна вакцинација на оние кои сè уште не ја примиле ниту првата. Опасноста од нови инфекции доаѓа токму од оние кои не се воопшто вакцинирани.

Advertisements

„Не е лошо што се почнува со третата доза, но некој зема три дози, а некој не добил ниту една, тоа не е добро, бидејќи и тој што е имунизиран три пати не е целосно заштитен и може да биде заразен од некој кој воопшто не е вакциниран. Значи, треба да се вложат повеќе напори за вакцинирање на населението до 80%, за да може да се постигне колективен имунитет, што би било солидно, но тешко да се постигне. Третата доза е привилегија за оние кои ќе ја добијат, но секако дека е добро“, вели Љуљзиме Бајрами, специјалист по епидемиологија.

Од Министерството за здравство велат дека третата доза, исто како и првата и втората, се препорачува, но не е задолжителна. Може да се прими 6 месеци по втората. Третата доза за секого ќе биде „Фајзер“. Граѓаните пак, на кои им е потребна оваа доза од понеделник ќе почнат да добиваат СМС пораки од „Мој термин“.

„Граѓаните кои се вакцинирани во странство не закажуваат термин на местото за вакцинација, туку мора да приложат потврда на местото за вакцинација дека се вакцинирани во странство, за да се регистрираат во ‘Мој термин’ дека примиле две дози вакцини, каква вакцина и кога ги примиле двете дози. ‘Мој термин’ мора да регистрира дека се работи за трета доза вакцина. Во ниту една земја во светот досега третата доза не е услов за патување и не е дел од потврдата за вакцинација“, велат од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство тврдат дека оваа одлука е донесена во согласност со препораките на американската и европската агенција за лекови, но во Европа сè уште не е донесена таква одлука. Челниците на Европската агенција најавија дека за третата доза ќе се зборува на почетокот на октомври. Со две дози кај нас се вакцинирани над 704 илјади граѓани, но засега само 1/3 од населението е имунизирано.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button