ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Курти со водство на вчерашните избори

Курти со водство на вчерашните избори

Партијата на премиерот Албин Курти, и нивната коалиција водат во однос на опозициските партии на изборите кои се одржаа вчера во Косово. Движењето Самоопределување, има обезбедено над 41 процент од гласовите, без гласовите од дијаспората. Зад нив е Демократската Партија на Косово со 22,4 отсто, Демократскиот Сојуз на Косово со скоро 18 отсто и Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај со скоро 7,5 отсто. Актуелниот премиер, Албин Курти, по затворањето на гласачките места рече дека оваа победа за него обезбедила уште еден мандат на Владата.

„Значи, ние сме први и ова е потврда за нашето добро демократско и прогресивно владеење. Нашата победничка коалиција ќе ја формира новата Влада односно Курти 3, и на тој начин ќе ја продолжиме работата што ја започнавме и многу други работи според програмата”, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Но, опозицијата гледа поинаку на резултатот. Според Демократската Партија на Косово, овој резултат е историски и триумфален, што според нив го води Курти во опозиција.

„Ова е неспорен успех за нас и силна порака за иднината на нашата земја. Она што го видовме во овој процес е јасно. Повеќето од граѓаните ѝ го свртеа грбот на оваа Влада“, рече Блерант Ставилеци, ДПК .

За Демократскиот сојуз, резултатот од 9 февруари е збор на народот кој ќе го почитуваат. Лумир Абдиџику, рече дека со овие бројки народот не сака тој да биде премиер и нема да влезе во таква комбинаторика.

„Тоа е резултат што го почитуваме. Ја преземам одговорноста за тоа, вклучувајќи ја и кампањата и раководењето на партијата. Ќе дадам отчет пред ДСК и граѓаните кои гласаа за нас. Не сакам бездруго да бидам премиер. Ако народот на Косово не ме видел вака, среќен сум да сум дел од идната опозиција “, нагласи Лумир Абдиџику, претседател на ДСК.

Рамуш Харадинај, рече дека ова е победа на опозицијата и овој блок треба да ја формира новата влада. Харадинај рече дека Курти со изјавите паднал многу ниско, кога синоќа од прославите на плоштадот се осврна на опозициските лидери со терминот „ајвани“. Харадинај рече дека нема да соработува со Курти.

„Ќе ја почитуваме оваа наша насока за да и помогнеме на земјата. Прашање е што прави Косово. Чест ми е да помогнам на опозициска Влада. Никако со Самоопределување и г-дин Курти”, рече Рамуш Харадинај, претседател на АИК.

Преведено во мандати, се предвидува Самоопределување да обезбеди 46 места, Демократската партија 24, Демократскиот сојуз 22 пратеници и АИК 8 пратеници. Тековните проекции се однесуваат на гласови без оние на дијаспората и условните гласови. Нивното пребројување започнува кога гласовите од дипломатските претставништва ќе пристигнат на адресата на ЦИК. 20 пратеници се загарантирани за малцинствата. На изборите на вчера, 28 политички субјекти и еден независен кандидат се натпреваруваа за новиот парламентарен состав. Право на глас на изборите имаа 1 милион 970 и 944 лица, од кои учествуваа околу 40 проценти. Одѕивот на гласачите беше намален во споредба со изборите во 2021 година, кога гласаа повеќе од 48 проценти од граѓаните со право на глас. По потврдувањето на изборите, мандатот за формирање на владата се доделува на победничката партија на изборите. Мандатарот мора да го извести претседателот во рок од 15 дена дали има мнозинство или не. Ако првиот кандидат не формира влада, претседателот му доверува на другиот кандидат кој има 10 дена да формира влада. Доколку истиот не формира влада, претседателот распишува нови избори, кои се одржуваат не подоцна од четириесет дена од денот на нивното објавување./Алсат.мк

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button