ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Квалитетот на дебатите во Собранието сè понизок

Квалитетот на дебатите во Собранието сè понизок

Пратениците одржуваат многу ниско ниво на квалитет на дебатата во Собранието. Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во својот извештај за Собранието утврди дека од 1 до 10, просечната оценка за квалитетот на расправата во Собранието во првата половина на 2023 година е 5,5.

„Со оценка 5,5 дискусијата во Собранието не ја добива минималната оценка потребна за да се смета за здрава дебата, особено ако се имаат предвид слабите оценки за отвореност кон прифаќање на аргументите на другите и менување на ставовите поради поквалитетни аргументи презентирани во дебатата. Севкупно, квалитетот на дебатата, како и во претходните периоди е низок, со многу простор за подобрување“, велат од Институт за демократија „Социетас цивилис“.

Пратениците од опозицијата биле поактивни во учеството во дискусиите. Тие зборувале во дури 76% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта со само 24%. Пратениците кои најдолго останале на собраниската говорница се Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов и Бети Стаменкоска Трајкоска, сите тројца од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во периодот јануари – јуни 2023 година, 72% од набљудуваните иницијативи и законски акти биле спроведени со нормална постапка, 16% по скратена, додека 12% со европско знаменце.

„Пратениците внимателно и минимално да ја користат скратената постапка и процедурата за разгледување на предлог – законите со европско знаме“, велат од Институт за демократија „Социетас цивилис“.

Извештајот констатира ниско ниво на дебата и аргументација во говорите. Ситуацијата не се разликува многу меѓу власта и опозицијата.

„Во 49% од анализираните дискусии учесниците немале аргументи, додека во 44% од анализираните дискусии имале слаби аргументи, односно говорниците понудиле оправдување за своите ставови, што не е доволно за да се смета за целосен аргумент. Во само 7% од набљудуваните дискусии говорниците користеле аргументи за да ја објаснат својата позиција…“, нагласуваат од Институт за демократија „Социетас цивилис“.

Опозицијата и власта не се разликуваат многу ни по степенот на аргументација во нивните говори. Учеството на пратеничките во дискусиите е на релативно високо ниво. Ретко место во обраќањата има и за лицата од маргините на опшеството.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button