РАКОМЕТСПОРТ

Лазаров: Добив појасна слика за сите мои играчи, кој колку може

Македонскиот вицепрвак Алкалоид ги заврши настапите во Европската лига на ЕХФ. Во последната рунда Ла Риоха од Шпанија гостуваше во Скопје, а натпреварот заврши со историска победа на нашиот претставник (28-27). По средбата, коментар на шестиот европски дуел за младиот македонски тим даде тренерот Кирил Лазаров.

„Навистина сум среќен за првата историска победа на нашиот клуб. Честитки на моите играчи, а и на Ла Риоха за фер-плеј натпреварот. Знам што значи Логроњо Ла Риоха за шпанскиот ракомет, минав време таму. За нас е голема победа против овој тим. Повторно ги правевме истите грешки, промашивме три пенали, неколку удари од шест метри. Сепак, знам дека ова е првпат за многу мои играчи во Европа. Се гледаше дека ни недостигаше искуство во оваа групна фаза, ама се гледа дека одиме напред. Се надевам дека во иднина ќе бидеме подобри. Заслужено запишавме победа во групната фаза. Благодарност и до публиката која не поддржа во овие натпревари, препознавајќи го нашиот проект.

 

Задоволен сум од трите бода, повеќе кажав дека имавме неатрактивна, но силна група. Војводина и Силкеборг се навистина квалитетни ривали. Јас верувам во овие играчи многу. Можеби малку ги преценив и се преценив, ама оваа Европска лига е добредојдена. Гледајќи ситни детали во овие силни натпревари, увидов шанса за напредок. Потребно е време и искуство. Тие детали страшно ме нервираат, ама се нормална работа и се случуваат. Не ме загрижуваат грешките. Јас сум таков, верувам и во невозможното, ама увидов дека не треба залетување и мора да се работи уште многу за да бидеме конкурентни во Европа. Ова е добар патоказ за нас, добив појасна слика за сите мои играчи кој колку може. Сметам дека го дадовме својот максимум за победа, класично македонски. Сепак, ќе продолжиме да работиме за доброто на ракометот. Работиме доста да го прифатиме европскиот модел на ракометот, со многу подеми, падови и пресврти“, изјави Лазаров.

 

Алкалоид сега се насочува кон домашните настапи каде следи натпревар во Купот на Македонија против Драчево, а потоа уште еден меч во рамки на Суперлигата, против ГРК Тиквеш.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button