МАКЕДОНИЈА

Левица бара разгледување на интерпелацијата против Талат Џафери на 22 јули

Левица бара интерпелацијата против спикерот на Собранието, Талат Џафери да се разгледа на седницата на 22 јули. Пратеникот Димитар Апасиев, кој е нејзин предлагач и за тоа доби поддршка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека Џафери намерно го одложува разгледувањето.

„Бидејќи иницијативата ја поднесовме на 5 јули, рокот за нејзино разгледување истекува на 21 јули, што значи дека интерпелацијата треба да биде ставена на дневен ред на 47-та седница закажана за 22 јули“, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Деловникот на Собранието обврзува по истекот на рокот од 15 дена, интерпелацијата да се разгледа на првата следна пленарна седница.

Деловник за работа на Собранието:

Член 47 (1) Интерпелацијата се става на дневен ред на првата следна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на распределбата на одговорот до пратениците.
(2) Доколку одговорот не биде испратен во рокот предвиден во членот 46 од овој Деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата следна седница на Собранието.

Албанските партии не ја поддржуваат интерпелацијата против Џафери, бидејќи сметаат дека тој не го прекршил Уставот со тоа што во Брисел зборуваше на албански јазик. СДСМ пак, смета дека спикерот погрешил, но нема да ја поддржи интерпелацијата поради тоа што Џафери бил конструктивен претседател на Собранието за време на пандемијата.

Предлогот на Левица и ВМРО-ДПМНЕ се заснова на аргументите за заштита на македонскиот како официјален јазик за меѓународна употреба. Нивното барање доаѓа паралелно со резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ преку која партијата на Христијан Мицкоски се обидува да повлече црвени линии за македонскиот јазик и идентитет во однос на преговорите со Бугарија, чиј резултат е предуслов за пристапниот дијалог со ЕУ.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button