Марко Рубио ја презеде функцијата вршител на должноста на администратор на USAID
Марко Рубио ја презеде функцијата вршител на должноста на администратор на USAID

Додека останува нејасна судбината на постоењето на Американската агенција за меѓународна развојна помош (USAID), американската медиумска куќа CBS пишува дека целта на владата на Доналд Трамп е да ја интегрира во Стејт департментот. Државниот секретар Марко Рубио претходно објави дека тој сега е вршител на должноста на челната позиција во USAID, но дека ја делегирал функцијата на некој друг. Агенцијата, која распределува милијарди долари помош низ целиот свет, ја нарече неодговорна, но истакна дека ќе остане дел од американската надворешна политика, иако ќе мора да се усогласи со политичките насоки на администрацијата.
„Јасно го кажав тоа за време на сослушувањата за мојата потврда – секој долар што го трошиме, секоја програма што ја финансираме, мора да биде во согласност со националните интереси на САД. USAID има историја на игнорирање на ова и смета дека е некаква глобална хуманитарна организација, одвоена од националните интереси. Сепак, ова се пари на даночните обврзници“,рече Марко Рубио, државен секретар.
Чекорите за евентуално укинување на USAID демократите во Конгресот ги оценија како нелегални и неуставни, тврдејќи дека тоа би им наштетило на сиромашните луѓе надвор од земјата, но и на националната безбедност, намалувајќи го влијанието на САД на глобалната сцена.
По изјавите на милијардерот Илон Маск, кој тврдеше дека Трамп се согласил да го затвори USAID, група демократи од Сенатот и Претставничкиот дом вчера го блокираа влезот во седиштето на USAID како знак на протест.
„Она што го прават Трамп и Маск не е само погрешно, туку и нелегално. USAID е создаден со акт на Конгресот и може да се распушти само со акт на Конгресот…“, рече Крис Ван Холен, демократски сенатор од Мериленд.
Меѓународните хуманитарни организации предупредија дека евентуалното затворање на USAID може да има катастрофални последици./Алсат.мк
Суад Бајрами