Матични се жалат на казни за пречекорувања на издадени лекови

Појавата на казни кај наводни пречекорувања на издадени лекови, во услови на незголемен буџет за лекови за хронична терапија, при што некои од лекарите биле доведени во ситуација да мораат да враќаат пари, иако, како што велат, морале да препишат лекови, беше првата причина за денешната реакција на матични лекари пред Фондот за здравствено осигурување. Иако, како што беше нагласено, пари сѐ уште не им биле наплатени, им било ветено дека никој нема да биде казнет.
– Втор проблем е што сите извештаи од специјалистички прегледи и слично, се бараат од матичните лекари. Тоа е еден голем трошок за нас, а парите што ги добиваме не се зголемуваат, што ни претставува проблем во функционирањето. Според нашите анализи, за да опстанеме, потребни ни се многу повеќе пари. Има многу заминувања на здравствен кадар, тешко се наоѓаат медицински лица. Ние сме спремни за работа електронски, хартијата да ја исфрлиме. Лекарите совесно си ја вршат професијата, понекогаш и на сопствена штета, само и само секому да се даде лек. А има недостаток од лекови. Решенија во корист на здравството, многу споро се носат. Апелираме тоа да биде побрзо. Кога подолго време не наидовме, барем, на знаци дека нешто ќе се подобри, решивме да обрнеме внимание дека сме во лоша ситуација, рече доктор Љубомир Стефановски, матичен лекар и член на Управен одбор на здружението и потпретседател во Лекарска комора за примарна здравствена заштита.