Милошоски: Претничката група е сплотена, нема да се гласа за уставни измени

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се обединети и дека преживеале уште потешки времиња. Од партијата на Мицкоски велат дека измените во Кривичниот законик се направени за амнестија на актуелните функционери но и на Груевски. Денеска прес-конференцијата ја одржа Антонио Милошоски, еден од најблиски соработници на поранешниот премиер Никола Груевски. Милошоски вели дека Владата подготвува нов закон за амнестија за која се уште нема договор меѓу Министерството за правда и Владата.
За Груевски нема амнестија и тој ќе биде уапсен во моментот кога ќе влезе во државата, велат од СДСМ. Но, според нив, Мицкоски не ја контролира партијата и нема дилема дека Груевски е нејзиниот вистински лидер.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во последното интервју за 360 степени рече дека Груевски бил жртва на медиумски кампањи против него, а со тоа го ослободува од одговорност за многу злоупотреби за кои јавно и кривично е обвинет. Ахмети рече дека пред 3-4 години имал средба со Заев и Груевски за амнестијата. Двајцата поранешни премиери тоа го демантираа само неколку часа по изјавата на Ахмети. Сега од ДУИ велат дека Ахмети зборувал за периодот на Пржино, поточно пред 8 години.
„Оваа внатрешна битка меѓу силите во ВМРО кои сакаат интеграција на земјата во Европската Унија и оние кои претпочитаат изолација се одвива на сметка на државата и граѓаните, но и преку злоупотреба на институциите, процесите, политичките партии и партиски лидери. Во своето интервју, г. Али Ахмети зборуваше за преговарачкиот процес на Пржино и средбите со г. Заев и г. Груевски на тема надминување на состојбите преку процесот на вистината и помирувањето“, велат од ДУИ.
Од албанската опозиција велат дека неодамнешните измени во Кривичниот законик се одобрени првенствено за амнестија на Груевски, за кој се очекува да застарат дел од делата. Тие веруваат дека некој од ДУИ се сретнал со Груевски во Будимпешта за да преговара за неговата амнестија.
Фатлуме Дервиши