ВЕСТИЗДРАВСТВО

Министерството за здравство појаснува за медицинските третмани на косовските граѓани во нашата земја

Пациентите од Косово во нашите болници ќе плаќаат исто како и македонските граѓани кои немаат здравствено осигурување. По реакциите во јавноста, Министерството за здравство го појасни мислењето дека граѓаните од соседните земји кои ќе дојдат на лекување ќе плаќаат приватно како и нашите граѓани без осигурување, но веќе не со повисоки давачки. Поточно, доколку државјанин на Северна Македонија без здравствено осигурување платил 6.000 денари за магнетна резонанца, исто толку за оваа услуга ќе плати и државјанин на Косово кој досега плаќал двојно, или 12.000 денари.

„Ова нема врска со изедначување на цените меѓу странските државјани и граѓаните на Република Северна Македонија, туку со изедначување на приватните пациенти кои не плаќаат здравствено осигурување. Граѓаните кои плаќаат здравствено осигурување на никаков начин нема да бидат во подредена положба да го плаќаат данокот на странски државјани“, велат од МЗ.

Првиот човек на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој пред неколку дена се огласи за оваа промена во здравствениот систем, рече дека ваквиот чекор пред се го фаворизира државното здравство.

„Има недоразбирање во медиумите, не знам дали е намерно или наивно, мислат дека Фондот за здравство ќе ги плати трошоците за граѓаните на Косово, но тоа не е така. Ќе плаќаат приватно како и секој друг што доаѓа во Македонија. Слично на тоа, Косовците нема да ја плаќаат услугата двојно, туку ќе плаќаат онолку колку што ќе определи Фондот“, рече Таравари.

Во меѓувреме реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Игор Николов рече дека здравствените власти треба да им дадат приоритет на пациентите кои се наши граѓани, а не да размислуваат за олеснување за странските граѓани.

Кај нас најмногу пациенти на лекување доаѓаат од Косово. Тие главно доаѓаат во Скопје за онколошки и хематолошки услуги.

Вјолца Алити

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button