Мицкоски: Постојат индиции за епски криминал на СДСМ и на ДУИ
Мицкоски: Постојат индиции за епски криминал на СДСМ и на ДУИ
Криминал од епски размери и злоупотреби на големи суми пари од повеќе институции од страна на претходната власт, се обвинувањата кои ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“. Како пример за вакви злоупотреби Мицкоски го посочува проектот за изградба на Коридорот 8 и 10-д, за кој вели дека државниот буџет е злоупотребен, а реализација на терен нема. Обвинува и дека недостасуваат десетици милиони евра од државната каса за исплата на пензии.
“Ако вие имате недостаток од 5 милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра, за да се исплатат редовни пензии, зборувам за редовни пензии, без оние 2 пати годишни усогласувања согласно законот, без покачувања. И, кога ќе видите во одредени други институции, каде се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред се, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред се мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридор 8 и 10-Д”, рече Хирстијан Мицкоски, премиер.
Мицкоски обвинува и дека во „Национални шуми“ сега недостасуваат над 8 милиони евра, долгови за кои тврди дека фактурите биле двојно или тројно поголеми од вообичаеното. Премиерот посочува злоупотреби и во РЕК Битола, каде вели дека зделките за продажба на руда биле склучувани со разлика од околу 40 милиони евра. Овие сомневања според него треба да бидат предмет на Обвинителството и на судската власт иако и самиот признава дека во оваа сфера и натаму постои корупција.
„Има такви судии и обвинители кои се роднински поврзани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви кои се корумпирани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви кои држеле предмети во фиока и не ги процесуирале, но и тие се малцинство. Мнозинството не може да му биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега се на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си изберат тоа што мислат дека им треба. Еве ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо да го отфрлат од системот„, додаде Хирстијан Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека судската власт е независна, но посочи дека надзор во работењето на овие институции може да се изврши преку комисија во парламентот, која ќе биде составена од пратеници и од власта и од опозицијата, а нивната работа ќе се надгледува преку редовни и вонредни контроли./Алсат.мк
Михаило Донев