ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Предлозите на ДУИ треба да се игнорираат, наскоро се минато

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оценува дека треба да се игнорира идејата на првиот човек на ДУИ Али Ахмети претседателот на државата и потпретседателот да се избираат во Собранието. Според него, Ахмети не е фактор што може да поставува такви услови и наскоро ќе биде минато. Според него, функцијата потпретседател не и носи никаква демократска вредност на државата.

Коментирајќи го ставот на албанската опозиција која исто така бара избор на претседател во Собранието, Мицкоски рече дека не слушнал од лидерите на опозицијата дека тоа е услов за формирање Влада и вели дека по изборите тој е подготвен да седне и да разговара.

Од Европскиот сојуз за промени велат дека промената на начинот на избор на претседателот е неизбежна и тоа ќе се направи кога ќе се гласа за уставните измени. Тие се убедени дека тоа ќе биде неизбежно, зашто бројките ќе го обврзат македонскиот политички блок да прифати таков услов.

„Се работи на политички договори. Ако речат не, задутре поради бројките, ако добиеме над 20-25 пратеници, ќе видите како се менуваат работите. Ќе се фокусираме на трката за избор на претседател. Убедени сме дека одиме во втор круг и тогаш шансите се 50-50 и навистина се надеваме дека Таравари ќе биде претседател на државата“, рече Африм Гаши, претседател на Алтернатива.

Арбен Таравари, кој прв предложи измена на начинот на избор на претседател, во рамки на уставните измени бара и укинување на формулацијата од 20 отсто за албанскиот јазик. Ден подоцна, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, го модифицираше барањето на Таравари со додавање на Бадентер, а истовремено побара и назначување на функцијата потпретседател. Ваквата идеја покрај ВМРО ДПМНЕ ја отфрли и СДСМ.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button