ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицотакис ја повтори можноста за вето, додека Сиљановска лобира за гаранции за ЕУ

Мицотакис ја повтори можноста за вето, додека Сиљановска лобира за гаранции за ЕУ

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повтори дека „европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција“ и може да биде затворен ако не се почитува Преспанскиот договор. Тој ова го кажа во интервју за весникот „Та неа“, а темата за договорот досега повеќе пати ја покрена за време на предизборните митинзи. Мицотакис веќе порача новите власти во земјава да не ја оспоруваат сржта на договорот, за името на државата, бидејќи ако тоа го прават ќе ја блокираат евроинтеграцијата.

„Кога некој го влече јажето, ќе треба да биде подготвен да се скине. И ако отстапува од договорениот тек, да знае дека ќе наиде на затворен пат кон Европа. Пат кој поминува од Грција и почитувањето на меѓународното право“, рече Киријакос Мицотакис – премиер на Грција.

Реакциите од официјална Атина следуваат откако новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова при свечената изјава на инаугурацијата не го кажа новото уставно име на државата. Таа образложи дека тоа е нејзино лично право на самоопределување, ќе ја нарекува државата единствено „Македонија“ во нејзините јавни настапи и дека го почитува Преспанскиот договор. Токму евроинтеграцијата на земјава била тема синоќешната средба на Сиљановска-Давкова со италијанскиот претседател Серџо Матарела во Рим.

Како што соопштија од нејзиниот Кабинет, двајцата зборувале за предизвиците на македонскиот евроинтегративен процес при што претседателката упатила благодарност за досегашната италијанска поддршка на политиката на проширување на Европската Унија, како и за позитивниот однос при надминување на меѓусоседските спорови при приемот на нови членки во Унијата. Сиљановска-Давкова информираше дека побарала од италијанскиот претседател да се дадат гаранции за, како што вели, нашата европска политичка иднина, а тој и одговорил дека е подготвен да застане зад Македонија во изнаоѓањето на решенија со соседите./Алсат.мк

Лука Андрев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button