ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се исцртуваат контурите на новата Влада, преговорите се во напредна фаза

Се исцртуваат контурите на новата Влада, преговорите се во напредна фаза

Преговорите за состав на новата Влада се во напредна фаза, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата истакнаа дека во фокусот на преговорите се евроинтеграцијата, економијата и борбата против криминалот. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска кажа дека финален договор се уште нема и дотогаш тие нема да откриваат детали од поделбата на ресорите. Сепак, како што додаде, сега се разговара за политичките и економските функции.

„ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија коишто се нудат во коалициските преговори, при што истите не треба да бидат ниту компромитирани на било кој начин и да се посветени кон работата и реформите коишто ќе следуваат“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата не сакаа да споделат со кого сѐ преговараат за влез во Владата, но потенцираа дека при поделбата на ресорите ќе се внимава на соодносот со освоени пратенички места.

„Во преговорите се внимава на квалитетот на самата поделба и на бројките, коишто ВМРО-ДПМНЕ ги има во освоени пратеници во овој Парламент. Преговорите ќе продолжат и во следните денови“, нагласи Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално, веќе бил постигнат начелен договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“ за министерствата со кои тие би раководеле. Според информациите на Алсат, коалицијата „Вреди“ ќе предводи шест министерства – за економија, животна средина, здравство, за политички систем, труд и социјална политика, а ќе има и министер без ресор. Дел од преговорите е и Секретаријатот за европски прашања. „Вреди“ ќе има и пет заменици-министри, во Министерството за земјоделие, култура, образование, одбрана, транспорт и врски, како и во Министерството за внатрешни работи. Коалицијата ќе предложи и пет државни секретари, а неофицијално дел од договорот е и позицијата претседател на Собранието. За иден спикер најмногу се споменува името на Африм Гаши.

Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ денеска не одговорија дали преговараат и со партијата „Знам“. Од партијата на Максим Димитриевски денеска не беа достапни за коментар. Тие пред два дена информираа дека нема да споделуваат ставови за нивно евентуално учество во новата Влада, се додека немаат официјална покана од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, неофицијално и оваа партија веќе е дел од преговорачкиот процес што го иницираше ВМРО-ДПМНЕ.

Финален договор се очекува да се постигне до вторник кога ќе се одржи конститутивната седница на Собранието, а новата влада би се формирала до 20 јуни./Алсат.мк

Лука Андрев

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button