Мицотакис: Западен Балкан во ЕУ до 2033 година

Мојата порака денес е јасна: во согласност со поставените критериуми, да понудиме интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ до 2033 година – амбициозна, но остварлива временска рамка. А, првиот чекор мора да биде одлука за две седмици во Брисел за деблокирање на патот на Северна Македонија и Албанија, пишува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата колумна за „Политико“, посветена на ЕУ перспективата на регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
Во пресрет на Самитот на високо ниво во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што денеска се одржува во Солун, грчкиот премиер во колумната под наслов „Време е европското проширување да се врати на вистинскиот пат“, порачува дека „ЕУ мора да го исполни ветувањето од Солун за Западен Балкан“.
-Денешните состаноци доаѓаат помалку од две седмици пред состанокот ЕУ- Западен Балкан во Брисел и Европскиот совет, каде би можеле да се донесат важни одлуки за регионот и иднината на блокот. А Балканот, како и многупати досега во својата историја, повторно застанува на првата линија на конкурентните сфери на влијание – застрашувачки потреси може да се почувствуваат под површината. Затоа, време е ЕУ да биде искрена со себе и со регионот, пишува грчкиот премиер.
Се осврнува на Солунската агенда од 2003 година за Западен Балкан и вели дека речиси 20 години подоцна, „пристапните процеси станаа сè покомплексни и понапорни, а визијата стана матна, избледувајќи во очите на фрустрираните и разочарани граѓани“.