МАКЕДОНИЈА

Морачанин: Нејасно е дали ДУИ се фокусира само на еколошки теми или на сите заложби на зелените партии

Пратеничката и лидерка на зелената партија ДОМ, Маја Морачанин во вечерашното интервју за „360 степени“ зборува за најавата на ДУИ дека ќе се залагаат за зелена агенда. Според Морачанин, нејасно е дали ДУИ ќе стане целосно зелена партија што подразбира и борба за правата на маргинализирани групи или ќе се задржи само на еколошките теми.

„За мене останува дилемата дали тие ќе се задржат само на еколошките теми односно зелена агенда или комплетно ќе се профилираат како зелена партија. Бидејќи, зелените вредности не се само животната средина и климата, туку се и човековите права, правата на маргинализираните заедници, правата на ЛГБТИ луѓето, родовата еднаквост, борбата против корупција и криминал, солидарност и итн. Тоа е цел сплет на зелени вредности за кои се залагате ако сте зелена партија“, вели Морачанин.
Додава дека и од граѓаните, но и од активистите и граѓанските здруженија ДУИ е критикувана поради тоа што со години го раководи секторот за животна средина, а резултатите кон подобро не се видливи.

„Тоа се забелешките и од граѓаните и од невладините организации кои ги пратат овие теми дека повеќе од 10 години ДУИ раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање и други важни институции кои се занимаваат со оваа тема како инспекторати, агенции…Но, јасно е дека нема задоволство кај граѓаните од тоа какви резултатите се постигнати од борбата против загадувањето“, додава Морачанин.
Таа вели дека доколку ДУИ сака да стане дел од европските зелени партии, тоа е процедура која е долга и темелна и се базира на вредностите што политичката партија ги застапува.

„ДОМ е од пред две години полноправна членка, а две години претходно бевме кандидат. Зачленувањето е нешто слично како членството во Европската унија. Процедурата е отворена и транспарентна, па откако ќе се добие кандидатскиот статус се оди на гласање, право на глас имаат сите партии кои се членки на Европската зелена партија, така што треба да се добие поддршката врз основа на вредностите кои ги застапувате“, вели Морачанин.

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button