ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Музичкото школо во Струга свири по старо, ни вработува, ни дава плата

Основното музичко училиште во Струга продолжува да работи на диво без вработени наставници и без плата, иако од Трудовиот инспекторат им наложија за 8 дена да го решат проблемот. И по сториите на Алсат, 14-тте наставниците одат на работа, но сè уште немаат земено ниту една плата уште од 2021 година.

Од Министерство за финансии за Алсат одговорија дека постапуваат законски и оти согласно законските прописи Министерството дава известување по поднесено барање од буџетскиот корисник дали тој во сопствениот буџет има обезбедено финсиски средства за работните места за кои е поднесено барањето.

Алсат дознава дека од овој ресор последното барање им било одбиено. За ваквата ситуација реагираше просветниот инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски. Ги обвинува општината Струга и Министерството за образование.

„Ваквото непочитување од страна на градоначалникот Рамиз Мерко е недозволиво и е дискриминирачко кон децата. Исто така тоа е дискриминација и кон родителите. Исто така големиот цинизам на министерот Јетон Шаќири којшто им се заблагодарува на наставниците кои 17 месеци не зеле плата. Наставниците – да, со љубов работат, но секој треба за трудот да се плати. Да му возвратам со прашање на Јетон Шаќири. Дали тој еден ден работи без пари? Не работи“, рече Илиевски.

Алсат дознава дека вработените дале рок до крајот на февруари да се реши нивниот статус, во спротивно повеќе нема да држат часови.

„Тоа е еден вид на образовен криминал, којшто е направен и час поскоро тоа треба да се реши, што треба да биде во интерес на децата, а не манипулација…“, додава Илиевски.

Денеска од Просветниот инспекторат не одговорија дали извршиле контрола. Минатата недела Трудовиот инспекторат на училиштето му даде рок од осум дена да ги вработи сите 14 наставници, а за сторениот прекршок му изрече глоба.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button