ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На локалните избори ќе се проверуваат отисоци од прсти, тендер за германска фирма

Избрана е компанијата што ќе треба да ја снабди Државната изборна комисија со уреди за контрола на гласачите преку отпечатоци од прсти или таканаречениот „фингерпринт“. На јавниот оглас на ДИК се пријавиле 4 компании, а најдобра понуда дала германската компанија „Дермалог“. Разгледувањето на понудите заврши синоќа и сега следува фазата за евентуални жалби. Ако дојде до тоа и ако некоја евентуална жалба биде прифатена, тогаш тендерот ќе пропадне, па изборите ќе се одржат без овие уреди затоа што ќе нема време за нов тендер.

По евентуалното склучување на договор со германската компанија, ќе се донесе регулатива за тоа како да се делува со уредите, за нивната дистрибуција заедно со изборниот материјал и нивната употреба.

Според договорот, опремата би требало да се обезбеди до крајот на септември, а веднаш по потпишувањето на договорот да почне снабдувањето во неколку фази. Пет проценти од уредите би биле искористени за тестирање. При ставањето прст на скенерот, црвената боја покажува дека граѓанинот гласал или нема право повторно да гласа, портокаловата покажува дека граѓанинот има право на глас, но на друго избирачко место, а зелената дека граѓанинот може да гласа на тоа избирачко место. Податоците во системот ги внесува Министерството за внатрешни работи и се повлекуваат по затворањето на гласачките кутии. ДИК работи и на зајакнување на безбедноста на податоците од избирачките места, за да не се повтори ситуацијата како лани кога падна сајтот на ДИК.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button