ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вархеји оптимист во врска со отворањето на преговорите со Албанија и Македонија овој месец

Јуни ќе биде критичен месец за Западен Балкан. Вака се изрази еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји на Самитот на земјите од Западен Балкан што се одржа во Тирана. Тој изрази оптимизам за отворање на преговори со Скопје и Тирана овој месец. Вархеји додаде дека оваа година може да биде година на Западен Балкан, но за тоа се потребни конкретни резултати.

„Јуни е критичен месец за Западен Балкан. Имаме многу прашања на маса. Сакаме да организираме меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора, за да ги продолжиме нивните преговори за членство. Ние сакаме да ги организираме првите две меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија, го имаме овој самит за да ги покажеме резултатите. Оваа година навистина може да биде година на Западен Балкан, но ние сакаме резултати“, рече Вархеји.

Премиерот на Албанија, Еди Рама во својство на домаќин беше дециден во неговата изјава. Албанија направи сè и сега е редот на Советот на Европа. Тој додаде дека пречките за отворање на преговорите не произлегуваат од Тирана, туку од спорот меѓу Скопје и Софија.

„За нас е важно прво да ги завршиме домашните задачи. Ние не го правиме тоа затоа што тоа го бараат од нас Брисел или Хаг, туку затоа што е наша обврска кон нашите деца и идните генерации. Домашните задачи на ЕУ се начинот да се модернизира нашата земја“, рече Рама.

За време на својот говор, премиерот Зоран Заев не се осврна на политичките теми и спорот со Бугарија. Но, ја истакна потребата од продлабочување на економската соработка меѓу земјите од Балканот, особено во развојот на капацитетите за обновлива енергија, регулирање на внатрешниот пазар и создавање на заеднички регионален пазар како придобивка за сите земји.

На состанокот присуствуваа и премиерот на Косово, Албин Курти, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерката на Србија, Ана Бернабиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. При пристигнувањето на состанокот, Рама ги замоли лидерите да ги тргнат маските.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button