ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На месец и пол до локалните избори власта најави изградба на нов мост на Вардар во Скопје

На камен-темелникот на новиот мост во Карпош денеска дојдоа градоначалници, пратеници, директори на јавни институции и лично премиерот Заев. Оптимисти се дека мостот ќе биде готов за 18 месеци, односно кон средината на 2023 година. Вредноста на проектот е нешто над шест милиони евра, пари кои се обезбедени од програмата на турски ТАВ.

Во оваа фаза од Илинденска се спојуваме со Скупи. Во следната фаза со продолжение на булевар Словенија за да можат граѓаните на општина Ѓорче Петров, од Волково од Ново Село и тоа како да бидат близу до останатиот дел од градот – рече Петре Шилегов градоначалник на Скопје.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев пак, беше во друштво на својот потенцијален наследник од матичната партија, Душко Весковски. Богоев не ги штедеше пофалните зборови за Владата и поддршката која ја добива од неа.

Граѓаните на Бардовци, граѓаните на Злокуќани, на Криви дол на Момин поток навистина ќе бидат поедноставно поврзани со овој дел на општината Карпош, каде се наоѓаат клучните институции, шопинг центри и пазарот – изјави Стефан Богоев градоначалник на општина Карпош.

Предвидени се четири коловозни ленти на мостот плус пешачки и велосипедски патеки. А, премиерот Заев на новинарско прашање изјави дека не се согласува оти во Скопје се гради неплански и дека се претерува со урбанизацијата. Според него, повеќе немало мегаломанство, туку се градело со усул. Но, тоа што е реалност е дека на паркингот кај Холидеј Ин ќе се градат кули високи над 20 ката, потоа новиот Детален Урбанистички План предвидува над 100 нови згради кај Расадник во Кисела вода, а не запира ниту градењето на Водно. Последните слики пак, од скопски Капиштец се скандалозни каде се гледаат нови градби на згради залепени буквално една до друга.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button