ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Најава за протести за паралелка на албански јазик во Идризово

Најава за протести за паралелка на албански јазик во Идризово

Ниту годинава не се отворија албански паралелки од шесто до деветто одделение во училиштето во Идризово. Во знак на протест поради неисполнувањето на ова повеќегодишно ветување, учениците денеска не дојдоа на настава, а нивните родители ќе протестираат.

„Сакаме да ги предупредиме градоначалникот на општина Гази Баба, министерот Јетон Шаќири и заменик-министерот Агим Нухиу дека денеска ќе почнат протести за паралелката на албански јазик која не се отвора неколку години. Бараме да се отвори паралелката, бараме да учат на албански јазик и нашите деца да не патуваат секој ден по 40 километри како секоја година“, изјави Ризван Сефери, родител.

Но, од Министерството за образование велат дека чекаат барање од општина Гази Баба. Градоначалникот Бобан Стефковски вели дека сегашното училиште не ги исполнува условите за тоа, а нема ниту кадар. Затоа до Владата и до Министерството за образование поднесе барање за изградба на ново училиште. Едното пред осум месеци, а другото на почетокот на август. Но, досега не добил конкретен одговор.

Изградбата на ново училиште во село Идризово беше ветување од 2019 година. Тогаш во Идризово беа Арбер Адеми, како министер за образование, Мухамет Зеќири како генерален секретар на Владата, Артан Груби како пратеник, како и поранешниот градоначалник на општината Борче Георгиевски. Им порачаа на жителите дека изградбата на нова училишна зграда е долгорочно решение.

„Она што го договоривме, што се договоривме е да се најде долгорочно решение преку изградба на нов училишен објект во село Идризово за сите деца од сите етнички заедници“, рече Арбер Адеми, поранешен министер за образование.

Но и по четири години од овие изјави ветувањето не беше исполнето.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button