ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Наместо на јавен конкурс, директори на јавни функции ќе се бираат со политички договор

Новинар: Игор Стефановски

МЕПСО, ПИОМ, Управа за водење на матични книги, Агенција за странски инвестиции… Ова се дел од институциите чии идни директори ќе бидат ангажирани од политичката партија Алтернатива, по договорот за коалиција меѓу премиерот во заминување, Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Иако препораката на Државната комисија за спречување на корупцијата е директорите на институциите да се избираат на јавен конкурс и во фер постапка, се чини дека и ова ќе биде неиспочитувано од Владата. Првата антикорупционерка, Билјана Ивановска во изјава за Алсат вели дека изборот на директорите на институциите не треба да биде под влијание на партиски преговори и пазарања, а нивното разрешување мора да биде образложено.

„Не се ни зборуваше за ова, а тоа беше некоја нормалност. Значи, сега веќе се зборува и мислам дека ќе почне и да се почитува, затоа што и заради тоа што меѓународните институции ни ставаат оценки и не рангираат. И понатаму да не се чудиме какво е нивото на корупција. Затоа што пак ќе кажам, злоупотребите на дискреционите права, политичкото влијание, неказнивоста, отсуството на доволна транспарентност, се многу високи ризици од корупција коишто нè тонат“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Кој ќе биде директор на некоја институција решава владина Комисија за именување, а таа работи според деловникот, велат од Владата.

„При поставување вршители на должност (и членови на управни одбори) во државни претпријатија, инспекторати и институции, претходи исцрпен процес на интервјуа и разговори за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои ќе ги исполнат критериумите и обврските што произлегуваат од усвоена владина програма, и кои се пред сѐ стручни и компетентни во областите за кои се именуваат, а во меѓувреме тече огласот за назначување на директор, заменик директор и сл. Веднаш штом завршува огласот се прекинува функцијата вршител на должност и врз основа на тековниот оглас се назначува директор или заменик директор“, велат од Влада.

Од Владата велат дека во иднина директорите ќе се именуваат само со едно законско решение, а не со 123 посебни закони. Министерството за администрација веќе две години работи на Законот за висока раководна функција, во кој условите, начинот и кретериумите за избор на директори треба да се вметне од сите закони. Претходниот министер Дамјан Манчевски велеше дека сегашните закони се нецелосни и немаат одредби за постапка за отворен и фер натпревар, за селекција, ниту пак критериуми за избор на најкомпетентен кандидат за раководна позиција, а со ова се доведуваат во прашање начелата на заслуги и родова рамноправност./Алсат.мк

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button