Наместо на мајчиниот јазик, младите си зборуваат на англиски

Подоброто изразување на англиски отколку на албански е феномен што ги загрижува родителите на децата од различна возраст. Според професорот по албански јазик Аслан Хамити, освен што се губи желбата за комуникација на мајчиниот јазик, се губи и желбата за зачувување и негување на автентичната албанска традиција.
„Ова го поврзав со тоа што голем дел од Албанците и голем дел од нас многу го сакаме туѓото, а не го сакаме своето. Во овој поглед мислам и на облеката, културата, однесувањето и сега на поздравите што го има албанскиот – тунѓатјета, мирдита, ретко се среќаваат на други јазици. Ние мора да се сакаме себеси, што значи да го негуваме, прво да го почитуваме албанскиот, а потоа да учиме други јазици“, рече Хамити.
Хамити смета дека дополнително на ова, правописните грешки со кои се среќаваат децата во многу од книгите за основно училиште се вознемирувачки. Како што вели, во повеќето случаи одредени учебници се адаптирани од други јазици во отсуство на албански автори.
Слично размислуваат и граѓаните. Како што велат, особено постарите, често се случува да седат покрај своите внуци или внуки како да се странци и не можат добро да комуницираат на албански.
„Гледам дека секој ден позајмуваме странски зборови и наместо поздрави на албански јазик користиме зборови како „чао“, а албанскиот јазик се деградира со употреба на различни зборови кои не ги ни разбираме…“
„Ако денес знаат странски јазик, тоа е добро, но да го користат во татковината не е добро, албанскиот треба да се користи бидејќи тоа е основата на животот на Албанецот. Мојата порака би била албанскиот јазик никогаш да не се заборави и второ, целата младина да го поддржи националното прашање“, велат граѓаните.
Лингвистите велат дека полесната комуникација на англиски јазик доаѓа како резултат на прекумерната употреба на технологијата и учењето на англискиот од прво одделение во основното образование.
Авни Тахири