ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Наумовски: Засилен притисокот од САД врз Бугарија

На Вашингтон му е потребна обединета Европа, вели поранешниот амбасадор во САД, Васко Наумовски, коментирајќи ја изјавата од Стејт Департментот за вклучувањето на американската дипломатија во дијалогот Скопје-Софија. Според Наумовски, притисокот кон Бугарија е засилен од страна на Вашингтон, зашто Париз не ги искористил целосно своите капацитети за време на евро-претседателството, поради претседателските избори во Франција.

„Притисокот што Бугарија го чувствува веќе не се крие, ниту од страна на највисоките бугарски претставници и оваа директна порака што ја имавме изминатите денови е само потврда на тоа дека САД се силно заинтересирани за почеток на преговорите од страна на Македонија и Албанија и со тоа да се продолжи процесот на обединување на Европа, знаејќи дека една Европа, којашто е обединета, стабилна и силна е во целосна согласност со американските национални интереси и со нивната надворешна политика“, рече Наумовски.

Наумовски вели дека и историски гледано, после Втората светска војна, сите иницијативи за обединување и стабилизација на Европа доаѓаат токму од САД, а напорите во оваа насока се зголемени поради односите со Русија. Оттаму, како што додава, ќе продолжи охрабрувањето кон Бугарија да ја спушти блокадата на евроинтегративниот процес.

„Соединетите американски држави се предводници на НАТО Алијансата, се традиционални партнери на Бугарија и верувам дека и зад кулисите се одвиваат едни дискусии и разни начини на охрабрување, коишто можат да вродат со плод во догледно време“, додава Наумовски.

Според него, позитивен исход наскоро може да се очекува, како резултат на позитивните билатерални чекори од изминатите месеци.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button