ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Не се знае кога на дневен ред ќе биде интерпелацијата против спикерот Африм Гаши

Не се знае кога на дневен ред ќе биде интерпелацијата против спикерот Африм Гаши

Од Собранието нема информации за интерпелацијата поднесена од Левица против спикерот Африм Гаши. Од кабинетот на Гаши денеска не кажаа кога интерпелацијата ќе биде ставена на дневен ред иако со Деловник е предвидено интерпелацијата да се стави на првата наредна седница, 15 дена откако материјалот ќе им биде доделен на пратениците. СДСМ постапувањето на Гаши го оценува спротивно на законот додека премиерот Христијан Мицкоски го обвинува дека клекнал пред претседателот на Собранието.

„Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту било кој друг не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена „незаконска наредба од странана Претседателот на Собранието. Го повикуваме Мицкоски да е одважи и да го смени Гаши. Само така ќе го докаже својот збор дека ќе има одговорност и за политичарите“, велат од СДСМ.

Мнозинството оценува дека интерпелацијата против Гаши нема основа. Според ВМРО-ДПМНЕ, одговорноста за инцидентот со претседателката на Косово, Вјоса Османи, е утврдена.

Од коалицијата ВЛЕН велат дека Левица како „продолжена рака“ на ДУИ и СДСМ ја покренала интерпелацијата за тестирање на стабилноста на мнозинството.

„Целта секако не е да се заштитат дипломатските односи со Косово или Охридскиот договор. Целта е да се предизвика политички земјотрес. Зошто? Да се тестира владиното мнозинство и да се види дали опозицијата може да најде заеднички интерес да дејствува заедно“, велат од ВЛЕН.

Интерпелацијата за Гаши дојде неколку дена по инцидентот на скопскиот аеродром каде беше вмешана косовската претседателка Вјоса Османи, додека личното обезбедување на Гаши интервенираше по негова наредба за да се расчисти спорот меѓу Османи и аеродромското обезбедување . Полицаецот во својство на началник за обезбедување во Гаши е пријавен за кривично дело и е суспендиран од работа./Алсат.мк

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button