ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Нема прекин на испораката на гас од Русија кон Бугарија

Во моментов нема прекин на испораката на природен гас од Русија во Бугарија. Тоа значи дека и капацитетите кои во Македонија се приклучени на гас добиваат навремена испорака. Ова го потврди директорот на Националните енергетски ресурси Бајрам Реџепи. Според него доколку се случи целосен прекин на испораката на гас од Русија, тогаш во земјава ќе има три големи проблеми, нема да може да работи челичната индустрија и компаниите во индустриските зони. Гасната централа ТЕТО, и топланите кои произведуваат топлинска енергија. Реџепи вели дека има алтернатива за набавка на природен гас.

„Опцијата е да се снабдиме од јужниот поток од ТАП. Ние разговаравме со менаџментот на ТАП за одредени количини ако бидат обезбедени за Бугарија, ние да може да ги користиме тие минимални количини за грејната сезона од 80 до 100 милиони метри кубни гас. Наредните денови сигурно ќе имаме интензивни состаноци со Софија и со другите актери од енергетската сфера и јас сум оптимист дека ќе најдеме решение“, рече Реџепи.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека треба да бидеме спокојни бидејќи долгогодишниот трговец од земјава кој корисниците ги снабдува со природен гас ги има подмирено обврските кон Газпром навреме што подразбира стабилна испорака на природен гас.

„Состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас. Сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво“, наведуваат од Регулаторната комисија.

Најавата за стопирање на рускиот гас за Бугарија доаѓа по противењето на официјална Софија природниот гас на Русија да и го плаќа во рубљи. Од Народната банка денеска изјавија дека како држава сме во подготовки гасот кој го добиваме од Русија да го плаќаме во рубљи. Годишно Македонија троши 426 милиони метри кубни природен гас, 360 ТЕТО, и 66 останатите други корисници.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button