ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Никој нема да оди во затвор за трагедијата во модуларната болница во Тетово

Основниот суд во Тетово ја донесе пресудата за пожарот во модуларната болница речиси две години по тешката трагедија во која загинаа 14 пациенти. Поранешните директори на болницата Флорин Бесими и Артан Етеми се осудени на 1 ипол година условна казна затвор. Тоа значи дека тие остануваат на слобода a ќе одат во затвор само доколку го повторат делото во следните три години. Во меѓувреме, судот го ослободи лекарот Бобан Вучевски, кој беше обвинет за кривично дело „непочитување на здравствените прописи за време на епидемија“.

Според одлуката на Судот, тие се прогласени за виновни бидејќи не ја поставиле пропишаната противпожарна опрема и на тој начин предизвикале опасност по животите на луѓето и пациентите болни со Ковид-19. Не постапиле ниту според мерките и активностите од договорот за заем со Светска банка. Иако биле обврзани да поседуваат противпожарна опрема, на денот на пуштањето во употреба на модуларната болница, до моментот на пожарот, немале соодветни средства за заштита од пожари“, се вели во одлуката на судот.

Но, со ваквата пресуда не се согласи поранешниот директор Флорин Бесими, кој најави жалбата во втор степен.

„Денешната одлука ми е бесмислена. Не ми е јасно образложението на одлуката. Со право ви кажувам дека доказите и фактите доставени до судот ја докажуваат мојата невиност. Во ниту еден момент немав врска со модуларната болница. Ниту сум реализирал, ниту сум надгледувал, ниту сум прифатил и тоа го докажуваат документите, па нејасно ми е зошто е донесена оваа одлука. Единствена причина е тоа што немало противпожарни апарати, но тоа го кажаа сведоците во текот на судскиот процес – дека имало“, рече Бесими.

Докторот Бобан Вучевски им се заблагодари на своите поддржувачи кои протестираа во текот на времетраењето на судењето.

Судењето за тетовската модуларна започна на 6 септември минатата година, а во откривањето на на причините за пожарот помогнаа и експерти од Германија, кои констатираа дека причина за пожарот е краток спој на продолжен кабел.

По пожарот, на 10 септември 2021 година оставки поднесоа министерот за здравство Венко Филипче, а потоа и неговиот заменик Илир Хасани, но нивните оставки не беа прифатени од поранешниот премиер Зоран Заев.

За трагедијата во која загинаа 14 пациенти и нивни роднини, имаше и протести.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button