ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во среда тет-а-тет средба Ковачевски-Мицкоски

В среда на иста маса ќе седнат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од Владата соопштија дека средбата ќе се одржи во Клубот на пратеници, а од опозициската партија пак додадоа дека двајцата ќе се сретнат тет-а-тет. Претходно Ковачевски јавно го повика Мицкоски на состанокот да дојде со неговиот партиски тим, но од ВМРО-ДПМНЕ известија дека ќе се сретнат единствено двајцата лидери.

„Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ, на којашто многу јасно стои да си изберат во кој формат сакаат да биде средбата… дали да биде 1+0, 1+1, 1+2, зависно од тоа дали имаат доверба меѓу себе, па смеат да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба. Јас оставив да избере раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

„Форматот на средбата ќе биде тет-а-тет. До средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе изврши широки консултации со Пратеничката група, Коалицијата и Извршниот Комитет. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Двете страни имаат и различни очекувања од средбата. Според премиерот треба да се изнајде заеднички јазик за тоа на кој начин државата треба да продолжи со интегрирањето во Европската Унија. Ковачевски, како што вели, се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се надмине себе си и ќе ги поддржи одлуките кои ќе овозможат евроинтеграција. Покрај евроинтеграцијата, втората тема на разговор што ја најави премиерот е односите со соседите. Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека очекуваат Ковачевски да излезе од заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што ќе следува откако уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство.

Инаку, од Министерството за правда информираа дека предлог-иницијативата за уставните измени која претходно ја изготвија експертите од работната група, сега веќе е испратена во Владата. Во меѓувреме се работело на номотехничко усогласување на текстот и превод на албански јазик. Редовни владини седници се одржуваат секои вторник и петок, но засега не се открива кога иницијативата ќе се најде на дневен ред. Штом нацрт-амандманите бидат усвоени на владина седница, се очекува да започне собраниската процедура. Последно, претседателот Стево Пендаровски порача собраниската процедура што поскоро да почне и без обезбедени 80 гласови, па така, како што рече, ќе биде јасно кој ја поддржува европската интеграција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button