Обвинителството ќе ги стави под лупа и родителите на Васил Јованов

Обвинителството ја прошири истрагата и ги опфати родителите на Васил Јованов, 20-годишниот возач кој пијан, без возачка дозвола, на црвено и со брзина поголема од дозволената, ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова. Обвинителството ќе испитува дали и како родителите му овозможиле на 20 годишниот Васил да управува со возило кое може да се толкува како општа опасност за предизвикување несреќа односно дали има умислена одговорност и кај нив.
Од Судскиот совет пак денеска велат дека ќе се пртеиспитуваат и останатите случаи поврзани со Јованов и дали судските инстанци потфрлиле. Најавија формирање на комисија која ќе работи на оваа проблематика. Тодор Кулаков, таткото на покојната Фросина, синоќа побара возачот да биде осуден на доживотен затвор, а родителите да одговараат соучесништво.
Смртта на Фросина предизвика голем негодување во јавноста, поради што илјадници граѓани протестираа и бараат казна за возачот, кој претходно бил фатен како шверцува дрога, но наместо во затвор, завршил во воспитно-поправен дом во Тетово. Во Скопје се одржа протест за предметниот случај, а за денеска е најавен протестен марш во Неготино.
Суад Бајрами