Уставен го одби барањето на Еролд Муслиу

Уставниот суд го одби барањето на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу кој сметаше дека со неговото разрешување од претседателката Гордана Силјановска Давкова бил полово и политички дискриминиран. Судиите едногласно го одбија неговото барање, со образложение дека директор на Агенцијата за разузнавање не може да биде лице припадник на политичка партија. Судијката Ана Павловска Данева, на прес-конференција, појасни дека како Суд утврдиле дека нема дискриминираност по полова и политичка основа.
„Судот едногласно одлучи дека се одбива барањето на господинот Муслиу да се констатира политичка и полова дискриминација при неговото разрешување од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање од страна на претседателката доктор Гордана Сиљановска Давкова. Во поглед на политичката дискриминација, како и во поглед на половата, судот не најде основи со кои се докажува најпрво дека тој поседува некакво својство што го прави да биде поразличен од сите останати за да биде дискриминиран заради тоа својство и второ Судот исто така не најде образложение, докази или наводи, кое всушност право му било ускратено со разрешувањето од функцијата, кое уставно право или слобода му биле ускратени“, рече Ана Павловска Данева, уставен судија.