Од вчера попладне попишувачите повлечени од неколку региони

Ова е пораката која ја добиле попишувачите од инструкторите да се повлечат од попишување.
„Колеги, наредба од директорот. Сите попишувачи итно да се повлечат од теренот и ги исклучуваат лаптопите“, се наведува во СМС пораката испратена од регионален инструктор.
На прашањето дали наредбата за повлекување е поврзана со евентуални хакерски напади, директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, рече дека поради државниот празник, на попишувачите им било наредено да не излегуваат на терен.
„Им рековме на попишувачите да не излегуваат денеска на терен поради празникот. Нема друга причина. Од утре ќе даваме изјави за медиумите. Имаме повеќе од 20 дена да го завршиме пописот, така што нема да има проблеми“, рече директорот Симовски.
Во текот на денешниот ден, околу половина час, официјалната веб -страница на Заводот за статистика не беше функционална, но од оваа институција не ги наведоа причините. Од 5 септември, кога започна пописот, се појавија неколку проблеми, за кои првично беше кажано дека се поврзани со интернетот, а потоа и со системот за попишување. Од Заводот велат дека системот е рестартиран и се оди според планот.
Пописот на населението и домаќинствата ќе биде завршен до 30 септември. Дотогаш продолжува пописот на дијаспората, кој започна на 1 март, а досега сами се пријавиле околу 191 илјади граѓани.
Мефаил Исмаили