Опозицијата најавува амандмани за ребалансот на буџетот
Опозицијата најавува амандмани за ребалансот на буџетот

Повеќе пари помош на граѓаните и стопанството, помош за локалната самоуправа и доколку треба дополнително кратење на непродуктивните трошења. Ова се првичните ставови на опозициските партии за кои откако ќе го видат предлог-ребалансот на буџетот, ќе интервенираат со амандмани. Ребалансот на комисиска расправа пред пратениците ќе се најде по седми јуни, за до крајот на месецот да оди на гласање усвоен.
„Предлог-ребалансот на буџетот сè уште не е доставен до пратениците, но од најавите на министерот за финансии малку пари, се одвоени за мерки кон граѓаните и стопанството. Со амандмани би се интервенирало за зголемување на финансиските средства за граѓаните од септември кога се очекува поголема криза, помош за единиците на локална самоуправа и повисоки социјални трансфери“, велат од Пратеничка група на ВМРО- ДПМНЕ.
И од партијата Алијанса за Албанците велат дека поднесувањето на амандмани ќе зависи од тоа колку Владата се погрижила народните пари да се трошат соодветно за ублажување на кризата.
„Во ситуација во која се наоѓаме и што се очекува да следи, сметаме дека Владата треба да се откаже од непродуктивното трошење, луксузното трошење на функционерите и многу внимателно да се распределуваат средствата. Парите од граѓаните денес повеќе од кога било мора да бидат достапни за граѓаните и реалната економија“, нагласуваат од Пратеничка група на Алијанса за Албанците.
Алијанса апелира и земјава да се подготви за управување со енергетската и економската криза, како и за растот на цените.
Денеска министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна го оправда ребалансот на буџетот како неопходен. Со новото прекројување на државната каса, 76 милиони евра се одвоени за нови антикризни мерки, додека за 200 милиони евра се скратени непродуктивните трошења.
Андреа Чобанова