Општинската ревизија констатирала злоупотреби во тетовската гимназија

Општина Тетово се сомнева дека имало бројни злоупотреби во тетовската гимназија. Како што дознава Алсат, внатрешната ревизија на општината констатирала бројни пропусти во работата на директорката на гимназијата Теута Лала. Во оваа установа градежните работи се изведувале без претходно потпишан договор, а на ист начин се вршеле и набавки на градежни материјали од околу 300 илјади денари.
Изборот на фирма за реализација на градежни работи бил без доставување банкарска гаранција. Во ревизорскиот извештај стои и дека не е формирана комисија за набавка на нафта, односно за количината што ја купува гимназијата. Градоначалникот Биљал Касами вели дека ќе бидат преземени мерки откако конечниот извештај и официјално ќе стигне во негови раце.
„Ја видов нацрт-ревизијата, има злоупотреби, но не сакам да прејудицирам пред да го добиеме коментарот за директорката согласно законот. Кога ќе пристигне конечниот извештај тогаш ќе излеземе со јавен коментар. Го чекам конечниот ревизорски извештај и согласно истиот ќе продолжиме понатаму, со постапки кои ќе бидат според препораките на ревизијата. Доколку се констатираат прекршоци, тоа значи понатамошна постапка со кривична пријава“, рече Касами.
Контактирана од Алсат, директорката Теута Лала одби да зборува пред камера, но рече дека за сите забелешки испратила оправдувања. Лала нагласи дека за време додека таа била директорка на гимназијата не биле никакви прекршоци. Во меѓувреме, овие денови ќе се прави ревизија во сите основни и средни училишта во Тетово, за можни злоупотреби.
Башким Сулејмани