ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Османи смета дека може да се постигне договор со Бугарија во јануари

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, не очекува да биде одобрена преговарачката рамка без датумот за одржување на првата меѓувладина конференција со Европската унија. „Нашиот став е јасен, дека повеќе нема да прифатиме никаков чекор што значи неизвесност за продолжување на евроинтеграцискиот процес“, изјави Османи по средбата со унгарскиот министер за надворешни работи, Сијарто.
Во меѓувреме, за шесте бугарски барања кои се предуслов за поддршка за преговарачката рамка, и одржувањето на првата меѓувладина конференција, Османи рече дека одговорите лично му ги предал на министерот Стоев, за време на самитот на НАТО во Рига.

„Ние одговоривме за не мешање во внатрешните работи на соседните земји. Одговоривме на барањето за механизми за спречување на говорот на омраза во двете земји, рехабилитацијата на жртвите на комунизмот, барањето за вклучување на Бугарите во Уставот и работата на историско-образовната комисија. Мислам дека ова е доволно за да се затвори ова прашање, но чекаме одговор од Бугарија во врска со овие ставови, и кои се надевам дека ќе продолжат на средба на високо ниво во наредниот период“, рече Османи.

Појаснувајќи ја изјавата дадена за бугарската телевизија дека решение би можело да се постигне во јануари, Османи истакна дека неговиот став е дека доколку има политичка волја, реално не се потребни уште шест месеци за да се држи во неизвесност државата, европската перспектива и регионалната динамика.

За тоа дали веќе се работи на формирање нови работни групи со Бугарија, Османи рече дека групите се предвидени како инструмент во Договорот за добрососедство од 2017 година.

Во меѓувреме, Унгарија смета дека неддавањето датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија е нечесен чекор на Европската унија. Шефот на унгарската дипломатија одлуката на ЕУ ја нарече збунувачка и фрустрирачка, и затоа ја повика ЕУ веднаш да ги започне преговорите за членство со двете земји.

„Со почит, бараме од нашите пријатели во Бугарија своите национални прашања, кои ги сметаат за пречки, да ги реализираат во текот на преговорите, а не со спречување на почеток на преговорите“, изјави Петер Сијарто, Министер за надворешни работи на Унгарија.

Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев во понеделникот изјави дека ќе продолжи да работи за заштита на националните интереси и благосостојбата на сите Бугари, а во јануари најави состанок на Советот за национална безбедност, за да има став од ова тело во однос на преговорите со Македонија. Радев рече дека е многу важно да се разбере дека заштитата на правата на бугарите во Македонија, создавањето услови за нивно целосно вклучување во општествениот, политичкиот, културниот и економскиот живот на земјата е исклучително важно прашање, како и забраната на говорот на омраза. Според него, „сето тоа се предуслови за поголема поврзаност меѓу нашите земји – и културно, инфраструктурно и од економски аспект“.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button