ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Остра критика за лошото стопанисување со шумите

Остра критика за лошото стопанисување со шумите

Огромните шумски ресурси на Македонија се уништуваат поради политички интерес и недостаток на свест за нивна заштита. Ова е оценката на странски експерти и амбасадори во нашата земја. Амбасадорот на Словачка, Хенрик Макрш, вели дека возел околу 80 отсто од шумите и планинските области со велосипед. Но, тој бил изненаден како околу патиштата и во близина на населените места каде што има шуми наишол на ѓубре и дива сеча.

„Граѓаните на Македонија се експерти за чување на овие убавини во тајност… Мора да се најде решение за почитување на законот, но само почитувањето на законот не е решение. Ми се чини дека овде се е исполитизирано, во еден регион имам слушнато дека никој не ги попречува на оние луѓе кои незаконски сечат шуми само затоа што се плашат дека ќе ги загубат изборите. Ова е чисто катастрофален пристап бидејќи изборите се важни, но уште поважно е како да се заштитат тие шуми“, изјава Хенрик Макрш, амбасадор на Словачка.

Евроамбасадорот истакна дека нашата земја има извонредни шумски ресурси со повеќе од 30 отсто од нејзината територија.

„Постојат административни предизвици за да се осигураме дека има капацитет за управување со шуми… Секако дека има важни дискусии што треба да се направат со заедниците кои живеат во и надвор од шумите. Важно е да се разговара за да се обезбеди одржливост на шумите, но и егзистенција на оние околу нив“, рече Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ.
Професорот на Шумарскиот факултет Владимир Стојановски изјави дека треба да се обедини политиката за итно изнаоѓање решение за заштита на шумите.

Вакви ставови искажаа амбасадорите и експертите на четвртата сесија на 5-та Работна група за животна средина, насловена „Заштита на природата преку стопанисување со шумите“, организирана од Европското движење. Во меѓувреме, во Извештајот на Европската комисија се наведува дека најголем дел од препораките во оваа област не се имплементирани. Затоа препорача земјата да ги зголеми финансиските средства оваа година за да го намали загадувањето на воздухот, да воспостави регионален систем за управување со отпад и да го спроведе Парискиот договор.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button