ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Панче Тошковски и Талат Џафери во кавга за 100-те илјади гласачи без документи

Техничкиот премиер Талат Џафери оценува дека има доволно време до изборите за околу 100.000 граѓани кои се на избирачкиот список да добијат лични карти и пасоши за да можат да гласаат.

„Со оглед на тоа што има уште 50 дена до изборите, со оваа динамика, 100-те илјади кои циркулираат како број на лица кои немаат документи, во текот на месец март на сите ќе може да им се обезбедат соодветни документи. Но, иницијативата зависи од граѓанинот кој мора да го покрене барањето. Прво да му дадеме време на правото на граѓанинот навреме да покрене соодветно барање, а потоа наша обврска е да донесеме одлука како ќе постапиме“, рече Џафери.

Ваквиот став на Џафери доаѓа и покрај инсистирањето на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека време за тоа ќе нема. Дополнително за издавање на нови документи во Скопје нема слободен период за фотографирање пред мај. Потоа просечното време на чекање за нов пасош е околу месец и половина.

Бројот од 100.000 граѓани кои се на избирачкиот список, а немаат валидни документи, според поранешниот прв човек на ДИК и претседател на групата за ревизија на Изборниот законик, Александар Новакоски, сериозно го загрозува изборниот процес. Тој во интервју за Алсат вели дека меѓу прифатливите опции е да им се овозможи на овие лица да гласаат со старите документи.

Новакоски смета дека решението треба да дојде од Собранието, но доколку тоа не се случи, тогаш ДИК треба да издаде посебни насоки. Во случај да нема решение, Новакоски вели дека постои основа за кривична одговорност.

За проблемот со овие 100 илјади граѓани, требаше да се расправа на вчерашната владина седница по барање на министерот Панче Тошковски, но засега нема информации дали е донесена некаква одлука.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button