ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Пет големи маркети во Скопје затворени поради непочитување на цените

Маркетите кои за време на викендот не ги почитуваа мерките за намалување и замрзнување на цените, ќе останат затворени 5 дена. Пет од нив припаѓаат на големи ланци на маркети во Скопје. Надлежните велат дека во текот на еден ден од викендот биле извршени 50 контроли од кои 5 маркети биле затворени, а на уште 7 им биле изречени парични казни затоа што на 25 производи не им биле намалени цените за 10 отсто, според цената од 1 август. Затворање од 5 дена ќе следи и за секој друг прекршител. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ќе има нулта толеранција за секое прекршување и повика на соработка со граѓаните и медиумите при откривањето на измамниците.

„Од 8 до 10 синџири на супермаркети имаат продажни места во речиси секој град, што значи 10 маркети во секој град, само од тие мрежи. Најголем дел од приходите ги добиваат од прехранбената индустрија и логично е Државниот пазарен инспекторат да почне да врши инспекциски надзор кај оние кои се најголеми, а потрошувачката е најголема кај клиентите од нашата земја и тоа ќе продолжи до завршување на мерките“, рече Бектеши.

Во рок од пет дена на бесплатната линија 02-191 пријавени се стотици случаи во цела држава. Освен намалени цени, продавниците мора на располагање да имаат и најмалку 70% од количествата од понудата од август за да не дојде до недостиг на некои производи.

Согласно важечките законски одредби, затворање на продажни места на големо и мало може да се врши во времетраење од 3 до 30 дена. За ова од Стопанската комора велат дека е премногу строга мерка, па бараат повеќе време за маркетите да можат да им ги сменат цените на 1.200 артикли.

Утре на владина седница ќе биде донесена нова одлука за намалување на цените, овој пат на дел од флашираните пијалоци. Производителите и трговците од овој сектор се договорија да ги намалат за 10% алкохолните и безалкохолните пијалоци.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button