ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Протест на средношколците во Тетово

Учениците од втора година од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово протестираа пред училишната зграда во знак на револт поради тоа што немаат голем дел од учебниците. Учениците велат дека нема да се вратат на настава додека не им ги дадат сите учебници.

„Ми недостасуваат сите книги. Целиот мој клас, немаме никакви книги.“

„Она за што денеска протестираме, како што гледате е големата група ученици. Има бојкот на наставата поради големиот недостиг на учебници. Како проблем го претставивме тоа што во огромен дел има голем недостиг на книги. Мислиме да не се враќаме и да ги повикаме и другите да ни се придружат. Има професори кои нè принудуваат да ги фотокопираме книгите.“

„Го напуштивме часот затоа што немаме учебници. Не можеме да држиме часови. Професорите ни бараат книги, а ние немаме.“

„Денеска излеговме да протестираме поради учебниците затоа што има недостиг на учебници во училиштето. Ако нема книги не се враќаме на настава. Тоа е сè“, рекоа учениците.

Директорката на гимназијата не го поддржува протестот и се сомнева дека протестот некој го поттикнал.

„Недостасуваат само мал број учебници, но состојбата не е толку алармантна за да се бојкотира наставата. Во оваа ситуација гледам инструментализација на учениците од одредени инстанци кои сакаат да ги измешаат нештата. Информација дека се принудени да прават фотокопии, јас немам таква информација“, рече Теута Лала, директорка на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

На протестите наскоро се очекува да се приклучат и родители.

„Имаме најави од родители кои велат дека ќе излезат на протести бидејќи недостигот на учебници стана многу голем проблем не само во нашата општина, туку и на државно ниво бидејќи наставниот процес без книги не започнува и не завршува како што треба“, рече Назми Даути, Сектор за образование, општина Тетово.

Во тетовската гимназија недостигаат околу 20 проценти од книгите, вели раководителот на гимназиската библиотека и покрај тоа што нарачките биле направени навреме.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button