ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Почнува изборната кампања за претседателските избори

Седумтемина кандидати за претседател – Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевче Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски, денеска ја почнуваат изборната кампања. Првиот круг е закажан за 24 април в среда, а право на глас ќе имаат 1.814.317 избирачи.

Кампањата ќе биде под лупа на антикорупционерите. Од ДКСК претходно потсетија какви се надлежности на државните органи за време на кампањата и какви активности смеат да преземаат. Дополнително потенцираа дека се строго забранети поткупот на гласачи, злоупотребата на државните ресурси, како и притисоци и заплашување на гласачи. ДКСК исто така објави и листа на институции кои иако имаа обврска, не поднеле до антикорупционерите список на своите службени возила. Станува збор за дури 1063 субјекти, меѓу кои има и голем број обвинителства, судови, општини, училишта, но и Министерства, како она за надворешни работи, Министерството за правда и други…

Токму во Министерството за правда, денеска се сретнале Кренар Лога и шефицата на Мисијата на ОДИХР, Џилијан Стирк. Како што соопшти Министерството, Стирк најавила дека тим на експерти ќе работи на прашања поврзани со администрацијата, политичкото финансирање, финансирањето на кампањата, а ќе ги следат и медиумите. Лога пак, оценил дека законската легислатива е на задоволително ниво и се имплементирани препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но останува предизвик институциите успешно да се справат со говорот на омраза и лажните вести.

Од денеска па се до осми мај граѓаните ќе можат да пријавуваат било каква повреда на избирачкото право на посебна телефонска линија кај Народниот правобранител, 0800 54321. Според најавата, по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а омбдусманот со цел заштита на избирачкото право ќе презема итни мерки за постапување на надлежните органи вклучени во изборниот процес.

Претходно и Јавното обвинителство информираше дека е формирана Комисија за следење на изборните нерегуларности. Воедно и Министерството за внатрешни работи формираше Оперативен штаб за да се обезбеди безбеден изборен процес.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button