МАКЕДОНИЈА

„Полиграф“: Кои медиуми пренесоа дезинформации од Такер Карлсон пред интервјуто со Путин?

Повеќе медиуми кои известија за сензационалистичката најава на интервјуто на Такер Карлсон со Путин, некритички и без проверка пренесоа едно тврдење што беше изнесено во најавата.

На 07 февруари 2024, Канал 5 објави наслов: „Кремљ: Такер Карлсон го интервјуираше Путин“, пренесувајќи тврдење на Карлсон дека „ниту еден западен новинар не се потрудил да го интервјуира Владимир Путин…“. Ова тврдење го пренесоа и други медиуми.

Сепак, други медиуми пренесоа тврдења од познати новинари и медиуми, кои посочија дека тврдењето на Карлсон е неточно. „Од Би-Би-Си кажаа дека нивниот дописник од Москва, Стив Розенберг, неколкупати бил одбиен за интервју со Путин“, објави СДК. Порталот „Плусинфо“ ја пренесе изјавата  Кристијан Аманпур од Си-ен-ен: „Дали Такер навистина мисли дека ние новинарите не се обидуваме да го интервјуираме претседателот Путин секој ден од неговата инвазија на Украина? Тоа е апсурдно – ќе продолжиме да бараме интервју, исто како што правевме со години“.

Во текстот „Низа лаги и шпекулации за интервјуто на Такер Карлсон и Владимир Путин“, Радио Лидер го цитира портпаролот на Путин, Димитар Песков, кој вели дека „г. Карлсон греши“. Песков за време на неговиот дневен брифинг за новинарите рекол: „Добиваме многу барања за интервјуа со претседателот“. Од изјавата на Песков, може да се согледа дека станува збор за барања за интервјуа од страна на големи медиумски мрежни ТВ канали и весници од Западот, со кои Кремљ „нема желба да комуницира“.

Бројни западни новинари посведочија дека имале обиди за интервјуа со Путин, а и Кремљ потврди дека редовно ги одбивал нивните барања. Затоа, тврдењето на Карлсон дека „ниту еден западен новинар не се потрудил да го интервјуира Владимир Путин…“ претставува дезинформација. Медиумите треба да ги разоткриваат ваквите неточни тврдења, затоа што со нивното некритичко пренесување може да ја дезинформираат нивната публика.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button