ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Помалку од илјада активни случаи на заразени од Ковид-19

После подолго време во државава, под 1000 е бројот на активни случаи позитивни на корона вирусот, но речиси двојно повеќе беше вчерашната бројка на нови случи позитивни на Ковид-19 за разлика од претходниот ден кога беа регистрирани 16 лица. Од направени 3.856 тестирања, вчера беа регистрирани 29 нови случаи позитивни на коронавирусот. На инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 134 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а има околу 515 празни болнички кревети во ковид центрите.

На вакциналните пунктови во државата, според последните податоци вакцинирани се вкупно 245.413 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 384.466 дози вакцини, а ревакцинирани се 139.053 граѓани.

Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 35 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Од Министерството за здравство информираат дека вчера се регистрирани 50 оздравени пациент, а пријавени се вкупно шест починати лица на возраст од 40 до 95 години. Од пријавените,едно лице е починато во домашни, а останатите пет во болнички услови.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.407, бројката на оздравени пациенти е 148.960, на починати е 5.448, а бројот на активни случаи изнесува 999.
На инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 134 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот и има околу 515 празни болнички кревети во ковид центрите.
Од Министерството за здравство соопштија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата како и дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 440.213 граѓани.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Пред два дена министерот за здравство Венко Филипче информираше дека од Амбасадата на Народна Република Кина било најавено дека во следните седум дена треба да пристигнат 500.000 вакцини „Синовак“.

Во однос на ревакцинацијата на нашите граѓани во Србија, Филипче рече дека за разговарал со неговиот српски колега Лончар, за нив да се организира вакцинален пункт, кој би бил поблиску до границата, во Врање или во Ниш.

А како што јави дописникот на МИА од Белград, во Србија продолжува бесплатната вакцинација на граѓаните од соседните земји, а во Врање викендов се вакцинираат граѓани од Македонија.

Според српскиот јавен сервис, РТС, за време на викендот во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на Фајзер. Досега во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Република Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button