ЕКОНОМИЈА

Помошта од 6.000 денари ќе може да се вади и во готово!

Шесте илјади денари помош – наместо за купување на македонски производи граѓаните ќе може да ги трошат за што ќе посакаат. Алсат дознава дека доделените пари ќе можат да се подигнат во готово од банка или банкомат и со нив ќе може да се плаќаат сметки, или да се купуваат производи од било кој производител.

Од Владата не одговорија конкретно на прашањата зошто пропадна мерката „Купувам домашно“ наменета само за македонски производи со цел финансиска инекција на домашните производители.

„Нашата цел е никој да не биде изоставен, ова се финансиски средства наменети за ранлива категорија граѓани кои треба да им помогнат да ја пребродат кризата“, наведуваат од Владата.

Кога беше промовирана помошта од шест илјади денари Владата најави дека со овие пари ќе можат да се купуваат македонски производи без право да ги подигнуваат во кеш.

„Од трансакциската смета преку дебитна картичка која ја поседуваат ќе може да вршат исплата, односно плаќање на маркетите, од таму на фискалната смета има евиденција кои производи влегуваат во платежната картичка. Значи Владата ќе знае колку од средствата се реализинаи во оваа намена за производите од домашно производство“, рече Фатмир Бесими, министер за финансии.

Кога начинот за трошење на парите бил изменет не е познато. Ниту зошто Владата не ги информираше граѓаните дека ќе можат да ги подигнат парите од сметка. Според наши информации помошта утре треба да легне на трaнсакциските сметки на самохраните родители, децата без родители, дел од пенизонерите и пасивните баратели на работа.

Денеска истекува и рокот за поднесување на приговори на граѓаните кои иако ги исполнуваат условите не се нашле на списокот за помош. Приговорите можат да ги поднесат на веб страницата „Купувам домашно“. Со оваа мерка се опфатени близу 300 илјади граѓани и за неа од буџетот се извоени 27,6 милиони евра.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button