ВЕСТИРЕГИОН

Поради Македонија, паѓа бугарската Влада!

Поради темата за Македонија и ребалансот на буџетот Владата на бугарскиот премиер Кирил Петков го изгуби мнозинството во Парламентот. Владината коалиција ја напушти партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Трифонов, во вонредно обраќање до јавноста, соопшти денеска дека става крај на агонијата, додавајќи дека тројцата министри од неговата партија веќе ја напуштиле Владата. Меѓу нив е и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.

„Во однос на Северна Македонија, премиерот води поинаква надворешна политика, различна од онаа на Министерството за надворешни работи, различна од политиката на Парламентот и различна од политиката што ја декларира пред Консултативниот совет за национална безбедност“, рече Трифонов.

Трифонов кажа дека неговите 25 пратеници единствено ќе ги поддржат ставките од ребалансот кои се однесуваат на пакетот анти-кризни мерки. Од друга страна, премиерот Кирил Петков изрази подготвеност да предводи малцинска Влада, која ќе нема мнозинство во Парламентот. Според Петков, министрите предложени од Трифонов се обидувале да изнудат огромни суми пари за ресорите со кои раководеле, но тој немало да дозволи трошење на пари без никаква контрола.

„Кога ние им ветивме на нашите гласачи дека ќе има нулта толеранција за корупцијата, ние застануваме зад тоа“, рече Петков.

Претходно во текот на денов, тројцата министри на Трифонов демонстративно ја напуштија владината седница. Во коалицијата на Петков засега остануваат останатите партнери – бугарските социјалисти и партијата „Демократска Бугарија“.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button