Поради силниот ветер нема струја во Тетовско

Силниот ветер последниве неколку дена остави без струја повеќе од 100 куќи во селото Одри, општина Теарце. Значителни штети претрпеа и некои од куќите. Жителите мрзнат затоа што голем број од домаќинствата се греат на струја, па три дена се борат со студот.
„На неколку места има штети. Некаде се откорнати покривите од силниот ветер кој дува веќе три дена. Навечер се плашиме, чуваме стража бидејќи дува многу. На некои им ги откорна и железните врати“, велат жителите.
Додека ја снимавме штетата, струја снема и во основното училиште во селото.
„Денеска ги пуштивме учениците бидејќи снема струја. Дополнително, имаме оштетувања на покривот, лимениот дел се откорна“, рече Авдиќерим Авдиу, вработен во училиштето.
Слично штети има и во други села во оваа општина. Градоначалникот ги повикува жителите да ги пријават за да добијат надомест.
„Речиси во сите села од општината имаме штети, од најмали до најголеми, како што е здравствениот дом во Доброште. Испративме екипа на терен и ја фотографираат ситуацијата, но секој сопственик треба поединечно да ги соопшти сите штети предизвикани од ветрот“, рече Нухи Незири, градоначалник на општина Теарце.
Контактиравме и со екипите на ЕВН кои беа на терен, од каде ни рекоа дека се работи на замена на трансформатори кои изгореле од силниот ветер. Според нив, се очекува дефектот да биде саниран во текот на денот.
Башким Сулејмани